За Николоски текстот е историски чекор – Жељазков: Нема да биде преседан ако Извештајот воопшто не се усвои

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонската позиција станува афирмирана – ова е прв коментар на владин функционер откако беше одложено гласањето за Извештајот за напредокот на Македонија во Европарламентот.

Вицепремиерот Александар Николоски, во интервју, истакна дека кога и да биде Извештајот усвоен, голем историски чекор е што вистината за земјава излегува во европските институции.

„Македонците не се случајни, не се случајно тука, не се вештачки создадени, не се насадени на Балканот, туку имаат долга многувековна традиција, којашто на сите ни е позната. Одредени други сакаат да ја негираат и да речат дека тоа не е така, но како и секоја друга вистина и оваа излезе. Е сега, дали Извештајот ќе се усвои оваа недела или за две недели, на крајот на денот, не менува ништо.“, вели Александар Николоски.

Беше предвидено во текстот известувачот Томас Вајц да ги потенцира засебниот македонски идентитет и јазик, но ова наиде на силни критики кај бугарските европратеници, а расправата се одложи за 24-ти месецов.

Бугарскиот премиер Росен Жељазков е задоволен од едногласноста на Бугарите во Европарламентот и според него, ако Извештајот за Македонија воопшто не се усвои тоа нема да биде преседан.

Жељазков додаде дека прашањето за Извештајот во ЕУ не треба да се билатерализира.

„Декларацијата на бугарското Народно собрание е многу јасен индикатор за тоа каква е позицијата на Република Бугарија во однос на нацрт-Извештајот. Во оваа смисла, ние ќе се придржуваме до оваа позиција и го правиме тоа со неопходните средства без да го претвориме ова прашање во билатерално.“, вели Росен Жељазков.

Според бугарскиот премиер ставот за евроинтеграцијата на Македонија е познат и вклучен во преговарачката рамка од францускиот предлог. Инаку, со Декларацијата на бугарското Собрание властите во Софија не смеат да отстапат од она што е веќе договорено и да бараат механизми за заобиколување на условите.