За отворањето на градинките интервенира премиерот – поради Лимани, Мицкоски им се извини на жителите на Арачиново и Липково

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За да потпише за вработувања во градинката во Арачиново, министерот Фатмир Лимани, побара градоначалникот на Арачиново да му се извини бидејќи го нарекол нелегитимен министер, но тој кој се извини за ваквата изјава на Лимани беше неговиот шеф, Христијан Мицкоски.

Премиерот рече дека за ова утрово зборувал со Лимани и увери дека денеска шефот на кабинетот на министерот ќе контактира со администрацијата на општина Арачиново и Липково за да се надмине тоа прашање, бидејќи веќе се дадени одобренија.

Но за разлика од Мицкоски, партнерите на Лимани од коалицијата ВРЕДИ, не ја корегираа изјавата на Лимани.

„Јас немам што да изјавам освен тоа што го кажал и самиот министер“, вели Саранда Имери.

Прашан околу објектот за градинката во Арачиново, објект кој е готов но не е во функција, вчера министерот за социјална работа, Фатмир Лимани рече дека нема да потпише за вработување без да му се извини градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибрахими, кој го нарекол нелегитимен министер.

„Тогаш кога он ќе се увери дека јас сум легитимен, истовремено и мојот потпис ќе биде легитимен“, вели Фатмир Лимани.

Потоа следуваше заедничка реакција на градоначалникот на Арачиново и Липково, кои ја осудија изјавата на Лимани, барајќи од Обвинителството да постапи, бидејќи, како што пишува, неговото дејствие претставува остра злоупотреба на службената должност и јасно ги покажува неговите намери за ставање на лични и политичките интереси пред благосостојбата на децата. Градоначалниците на двете општини рекоа и дека размислуваат да поднесат кривична пријава против министерот за непочитување на службената должност и попречување на вршење на институционални функции во служба на граѓаните.