За пониски цени на храната, треба сериозни мерки – базичната инфлација не дозволува пониски камати на кредите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Цените на прехранбените производи нема да се смират со преземање на краткорочни мерки, сметаат дел од економистите. За да почне да се намалува овој проблем, ќе треба да се удри по базичната инфлација која иако не е влијае на цената на храната, сепак индиректно придонесува за поскапо да се храниме. Според професорот Синиша Наумовски, Македонија има повисока базична инфлација од земјите од регионот.

„Токму заради оние маржи кои што ги коментиравме често пати наназад. Инпутите на самите продукти од почетната фаза, од производителот, на крај доаѓаат до поголеми проценти заработка на крајниот продукт. Тоа е еден од причинителите, а вториот причинител може да се земе ниската стапка на продуктивност кое афектира врз зголеменото ниво на плати на самите вработени, особено кај оние работници каде продуктивноста покажува помала ефектива“, вели Синиша Наумоски, универзитетски професор.

Според анализите, освен преку маржите и зголемените приходи на дел од населението кое не е продуктивно на ниво на примањата, кон зголемените цени на храната индиректно влијаат и други елементи од базичната инфлација. Меѓу нив се зголемените цените на услугите, но и притисокот кој што доаѓа од туризмот и угостителството. Проблемот со базичната инфлација е сложен и затоа од Народната банка велат дека тие ја следат состојбата со базичната инфлација и дека треба координирани напори, заедно со Владата која е носител на фискалните политики.

„Оттука, поддршката за остварување на очекуваните ценовни нивоа, особено од фискалната политика е добредојдена бидејќи може директно да делува на побарувачката во економијата, а постои консензус на сите чинители дека ниската и стабилна инфлација која нуди предвидливост и за граѓаните и за бизнисот е основа и поддршка на растот на македонската економија“, велат од Народна банка.

Наумоски вели дека високата базична инфлација е причина зошто имаме и повисоки камати на кредите, односно зошто Народната банка не го следи трендот на Европската за намалување на основата камата.

„Каматните стапки во однос на движењето на есконтната во однос на самите каматни стапки на комерцијалните банки подолго време да останат замрзнати. Значи, да имаме поголеми трошоци за кредити“, вели Синиша Наумоски, универзитетски професор.

Проблемот со базичната инфлација го отвори премиерот Христијан Мицкоски пред два дена, кога коментираше зошто инфлацијата во јуни е 4,5 отсто, а на храната 6,3 насто. Инаку, базична инфлација е онаа во чии пресметки не влегуваат цените на храната и на енергијата.