За прв пат вечерва ќе има ВАР систем во македонскиот фудбал

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вечерва се игра куп финалето на „Тодор Проески“ кое ќе биде историско поради пласманот на два тима кои првпат се дел од ваков настан, исто така за прв пат вечерва ќе има ВАР систем за кој ФФМ доби дозвола од ФИФА.

На техничкиот состанок на кои присуствуваа официјалните лица одредени за финалето од Купот на Македонија и претставници на екипите беа споделени сите детали околу употребата на ВАР технологијата.

– Воведувањето на ВАР технологијата е дел од програмата на Фудбалската федерација на Македонија, а овој проект го започнуваме од финалето во Купот на Македонија. Ќе почнеме да ја користиме ВАР технологијата дури кога ИФАБ ќе ни потврди дека инфраструктурата, технологијата и судиите кои ја користат се целосно подготвени. Се надеваме дека во следната сезона ќе можеме да имплементираме ВАР технологија на натпреварите во МФЛ. Најважно е грешките да се намалат и елиминираат, но важно е да се запамети дека судијата на теренот сепак одлучува сè, а технологијата само му помага да ги погледне деталите, изјави Игор Франговски, претседател на Комисијата за натпреварување во ФФМ и делегат на вечерашното финале во Купот на Македонија.

Натпреварот се игра денес со почеток во 19:00 часот, главен судија ќе биде Александар Ставрев, а помошници ќе бидат Дејан Костадинов и Куштрим Лика, како и Јован Качевски како четврти судија.