За првомајските празници полициски час од 14 до 5 часот наутро, заштитните маски остануваат задолжителни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првомајските празници годинава граѓаните ќе ги поминат со посебни мерки и со ограничено движење на територија на целата држава. Согласно одлуката на Владата за 1, 2 и 3 мај, полицискиот час ќе почнува во 14 часот, и ќе трае до 5 часот наутро следниот ден.

Што се однесува до лицата над 67 годишна возраст, тие во петок, сабота и недела ќе можат да се движат од 5 часот наутро до 11 часот.

На сите деца и млади лица до 18 години во петок, сабота и недела ќе им биде дозволено излегување од 12 до 14 часот.

– На 1, 2 и 3 мај, односно петок, сабота и недела, ќе биде дозволено движењето на граѓаните од 5 часот наутро до 14 часот. Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 14 часот и ќе трае до 5 часот следниот ден. Остануваат во сила сите други мерки за заштита од Ковид-19 донесени од Владата, истакна во текот на вчерашниот ден премиерот Оливер Спасовски.

Целта на воведените мерки е граѓаните да имаат доволно време во претпладневните часови да прошетаат и да ги набават потребните намерници, без притоа да се создаваат гужви на тие места, на пазарите, маркетите.

Сепак, мерката за носење на заштитна опрема на устата и носот останува задолжителна. Граѓаните треба да носат заштитна маска при секое влегување во јавни објекти како државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, јавен превоз, чекални, здравствени институции..

Носењето на заштитна опрема е задолжително и на отворени простори, секогаш кога не може да се одржува минимална дистанца од два метри меѓу граѓаните.