За што разговарале Гаши и Заев во кафеана? „Антиковачевски“ фронт или слободни раговори?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова објавено видео на социјалните мрежи, на кое што се гледаат заедно лидерот на Алтернатива Африм Гаши и екс лидерот на социјалдемократите Зоран Заев, крена прашина во домашната политика, а заедно со тоа и прашањето за што можеле да разговараат во време кога двајцата се “иритирани“ од актуелниот премиер Димитар Ковачевски, актуелен претседател на СДСМ. Го прашавме екс премиерот Заев, но тој не одговори на нашата порака. Додека од друга страна Гаши самиот напиша на Фејсбук за средбата.

„Како лидер на Алтернатива, имам мандат и должност да се среќавам со сите политички актери во земјата. Така сум работел досега и така ќе работам и во иднина. Следствено, нема ништо посебно и мистериозно во мојата средба со поранешниот премиер Зоран Заев. Јас го разбирам интересот на медиумите за оваа средба, но мислам дека вистинското прашање не е кој, каде и зашто се среќавам, туку зошто, по чиј налог и од каков страв ме следат службите СДСМ-ДУИ?“, прашува Гаши.

Генералниот секретар на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими појасни дека тоа била претходно планирана средба а уверува дека не се зборувало за некакво уривање на владата на Ковачевски.

„Средбата во никој случај не била за урување на Владата на Ковачевски. Владата ќе ја оставиме самата да потоне, оти и онака идната пролет ќе падне“, рече Ибрахими за „Слободен печат“.

Поостар во врска со оваа средба Заев-Гаши беше независниот пратеник Скендер Реџепи Зејди, некогашен член на Алтернатива. На Фејсбук напиша дека “кланот на Алтернатива не остава неизедена цреша“, бидејќи како што додава, “преку ноќ ја обвинуваат владата за предавство и недоверба-утредента му седнуваат на Заев во скут“.

-Денеска ја обвинуваат ДУИ за корупција – додека вчера му се заколнаа на лојалност на Али ако не им се одземе Здравство;
Наутро ја обвинуваат огнената група за криминал – попладне му одат на Изет во општината да му се придружат;
Цело време обвинуваат дека ВМРО е антиевропска – додека со часови чекаат средба со Мицковски;
Ја објавија Алијансата за спас на Груби – додека први им честитаа за позициите на министрите на Таравари;
Дури и со Беса се подготвени да се здружат и покрај сите обвинувања изнесени во минатото;
-Останува само уште една средба со Апасиев, (упс заборавив дека заедно со него сакаа да не испратат во Русија);“, напиша Реџепи.

Пред неколку недели Алтернатива излезе од влада, или подобро кажано, се повлече од влада, бидејќи пред да се донесе одлуката во партијата на Гаши, владата предводена од Ковачевски само што ги додели ресорите на новиот владин партнер, АА. Од друга страна, веќе подолго време се зборува за влошени релации меѓу екс премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и неговиот наследник Димитар Ковачевски, за како што се зборува, несогласувања за назначувањата во Влада, иако страните негираат за нарушени релации.