Обвинителството бара притвор за 8 лица и мерки на претпазливост за 4 лица уапсени вчера како дел од истрагата против 18 поединци и 8 компании за присвојување на околу 3 милиони евра во Фудбалската федерација на Македонија.
Сите 12 лица, вклучувајќи го поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓоргиоски, кои беа уапсени вчера, веќе се изведени пред судијата на претходна постапка во Кривичниот суд во Скопје, каде тој треба да одлучи за барањата на Обвинителството, додека пет не се достапни за органите на прогонот. Поранешниот претседател на ФФМ, Мухамед Сејдини, кој е второосомничен, веќе е во притвор за друго кривично дело и беше уапсен во април годинава. Третоосомничена е Олгица Младеновска, во својство на раководител на Одделот за финансии и сметководство во ФФМ.
– Првоосомничениот, второосомничениот и третоосомничената се осомничени дека го сториле кривичното дело „проневера во службата“, додека раководителите на компаниите се товарени како помагачи во претходното дело, но и за кривичното дело „перење пари“. Со овој случај, делата се извршени од 2015–2019 година, каде првоосомничениот и второосомничениот како претседатели на ФФМ потпишале 728 налози за исплата, кои и биле доставени на третоосомничената за реализација, а незаконски биле исплатени пари за услуги кои ФФМ никогаш не ги добила од компаниите и за стока која никогаш не влегла во ФФМ, со што е направена штета околу 180 милиони денари или 3 милиони евра, изјави Фатон Азизи, обвинител во случајот.
Обвинителот на случајот Фатон Азизи од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја оцени вчерашната акција како успешна, додавајќи дека 5 од лицата кои требало да бидат приведени не биле пронајдени во своите домови, со образложение дека се во соседни држави на одмор.
– Сите субјекти главно соработуваат со ФФМ, меѓутоа дел од парите кои биле незаконски добиени се депонирани преку Олгица, за да можат да се реализираат и да бидат потпишани од нивните претпоставени, односно функционери во својство на претседатели на ФФМ. Ние обезбедивме докази во предистражната постапка дека тие услуги за кои се издадени фактури никогаш не стигнале во ФФМ. Дополнително, имаме и изјава од претставник на ФФМ, како во однос на услугите и стоката, така и во однос на висината на причинетата штета, изјави Фатон Азизи, обвинител во случајот.
Како резултат на повеќегодишна предистражна постапка за ФФМ, вчера, под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, во координација со Финансиската полиција и Министерството за внатрешни работи, беа извршени претреси во домови, деловни простории и кај поединци на неколку локации во Скопје, каде 12 лица беа лишени од слобода, вклучувајќи го поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓоргиоски, додека 5 лица моментално не се достапни.
Мухамед Сејдини беше уапсен во април и е во притвор, со сомнение дека сторил кривично дело проневера во службата поврзано со изградбата на трибината на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид. Акцијата е резултат на претходна кривична пријава против три лица вработени во ФФМ, менаџери, сопственици и овластени лица на правни лица, како и против самите правни лица, со сомнение за извршување на повеќе кривични дела и присвојување на 2.4 милиони евра.
