Одекот од студентскиот протест стигна до највисоките кругови на меѓународната заедница. Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека протестот на студентите не треба да се политизира, туку да им се остави на правните професионалци, и поради тоа ги информирал НАТО и ЕУ со тврдење дека албанската опозиција се обидува да предизвика дестабилизација.
„Вчера видовме голем број активисти и високи функционери на опозициските партии кои беа на протестот, давајќи му политичка конотација. За ова прашање ги информиравме нашите сојузници во НАТО и ЕУ за обид на опозицијата на некој начин да предизвика дестабилизација и мислам дека тоа не наиде на одобрување кај високите претставници на меѓународната заедница“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
И од албанската опозиција велат дека ги информирале меѓународните сојузници. Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, напиша дека ги известил ЕУ и НАТО за погрешните толкувања во јавноста за Мислењето на Венецијанската комисија.
„Денес ги информирав претставниците на меѓународната заедница за обидите на Владата да ја прикаже на извртен начин природата на студентските протести, етикетирајќи ги како партиски мотивирани и создавајќи неточна перцепција за реалноста во земјата. Нагласив дека овие обиди за погрешно насочување на меѓународните партнери не ги одразуваат реалните грижи на студентите, кои се директно поврзани со спроведувањето на постојните права“, вели потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи.
И социјалдемократите реагираа во врска со прашањето за неспроведување на албанскиот јазик во судството. Потпретседателката на СДСМ, Јованка Тренчевска, изјави дека ВМРО-ДПМНЕ повторно отворила некои веќе затворени прашања.
„Главните инспиратори на сите овие поделби се токму Мицкоски и Владата. Слушнавме во медиумите дека ќе пријави во НАТО и ЕУ против опозицијата, но му предлагаме најпрво самиот да биде пријавен бидејќи ја дестабилизира состојбата во државата. Овие прашања беа затворени и не се дебатираше во минатото, а додека владата на Мицкоски е на власт, повторно се отвораат прашања за поделби“, вели потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска.
Иако премиерот Мицкоски изјави дека тим од уставни експерти работи на изнаоѓање решение за уставноста на двојазичноста во правосудниот систем, односно за полагањето на правосудниот испит на албански јазик, од друга страна владиниот партнер ВЛЕН, Касами, рече дека тимот ќе се формира во наредните денови.
„Во моментов работните групи сè уште не се формирани и верувам дека во наредните денови ќе се формираат групите кои ќе работат на изнаоѓање решение за оваа проблематика. Гаранцијата беше јавна од премиерот дека студентите по право, кои студираат на својот мајчин јазик, имаат целосно право и правосудниот испит да го полагаат на албански јазик“, изјави Билал Касами, претседател на БЕСА/ВЛЕН.
Инаку, основното барање на студентите – спроведувањето на јазичните права – сè уште останува без конкретно решение, додека најавите за формирање работни групи укажуваат дека процесот може да потрае, оставајќи го прашањето отворено и во наредниот период.
