За „Вреди“ новиот балансер е провокација – Меџити: Различните размислувања ќе ги решиме внатре во Владата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првиот вицепремиер Изет Меџити ги оцени како провокација најавените измени во правичната застапеност во администрацијата кои ги обелодени неговиот коалициски партнер, министерот за администрација од редовите на ЗНАМ, Горан Минчев. Со новите пресметки на Минчев, кои се базираат на процентот на резидентното население во земјава, се намалува застапеноста на Албанците во администрацијата на 24,3%, наместо досегашните 29,5%. Наспроти Минчев, Меџити смета дека треба процентот треба да се определува според бројката на вкупно население.

„Ќе го решиме тоа внатре во Владата со про и контра аргументи, но го повикувам и Минчев и другите министри да се посветат на фокусите на новата Влада, кои се зацртани заеднички. Во спротивно, на такви провокации ќе следуваат и одговори.“, порача Изет Меџити.

Балансерот е само една од темите на кои коалициските партнери не можат да најдат заеднички јазик. Меѓу „Вреди“ и ЗНАМ претходно имаше расправија и околу користењето на знамињата. „Вреди“ нема согласност и со ЗНАМ, но ниту со ВМРО-ДПМНЕ, за создавањето на Албанска академија за науки и уметности. Сепак, Меџити, исто како и премиерот Мицкоски тврдат дека коалицијата е стабилна и има двотретинско мнозинство – проблемите ќе ги решавале внатре во Владата.

„Во едно семејство дома кога сте, не секогаш се сложувате со членовите на тоа семејство, ќе наидете на одредени недоразбирања на моменти, но во еден дијалог, во еден демократски и пријателски амбиент треба да ги надминувате. Можам неофицијално да ви кажам дека имаме ние двотретинско мнозинство во Парламентот.“, вели Христијан Мицкоски.

„Нормално, ние сме различни партии со различни размислувања. Повикувам да ги дебатираме и решиме внатре во рамки на Владата, а не со изјави пред медиумите“, вели Изет Меџити.

Според Мицкоски, партнерите во Владата не мора да се сложуваат за сите работи, туку поважно е да се согласуваат за поголемиот дел од прашањата. Тој ја оцени досегашната петнеделна соработка како искрена и принципиелна.