Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, оствари средба со премиерот на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија, Хендрик Вист.
Средбата се одржала во рамките на работната посета на Германија, а во фокусот биле зајакнувањето на политичката и економската соработка, привлекувањето нови инвестиции и отворањето можности за реализација на заеднички проекти.
Муцунски истакна дека Северна Рајна-Вестфалија претставува еден од значајните политички и економски партнери на Македонија во Германија, од каде што веќе доаѓаат бројни компании кои инвестираат во земјава.
Според него, приоритет е постојните добри односи да се искористат за нови економски можности, технолошко поврзување и продлабочување на соработката меѓу институциите и бизнис-секторот.
Посебно внимание било посветено и на македонската дијаспора, која, како што посочи министерот, има значајна улога во поврзувањето на двете општества и во поттикнувањето на економската соработка.
Разговорите претставуваат продолжение на интензивираниот билатерален дијалог и се надоврзуваат на Заедничката декларација за намери за соработка за периодот 2026–2030 година, потпишана при претходната посета на Муцунски на Диселдорф.
