Во август базичната инфлација е пониска во споредба со јулската, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Иако споредено август со јули оваа инфлација е во пониска за, сепак на годишно ниво и натаму е висока. Сепак, намалувањето на базичната инфлација е добар знак за премиерот Христијан Мицкоски.
„Тоа е добар индикатор дека имаме полека стагнирање и намалување на базичната инфлација која што беше главен драјвер, двигател на генералната инфлација. Мерките не се така интензивни кои што ги правевме, ние се одлучивме и покрај критиката што ги добивавме од одредени невладини, синдикални здруженија и така натаму да водиме многу внимателна макроекономска политика, да направиме баланс меѓу растот на платите и на инфлацијата“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски истакна дека балансот значи растот на платите да биде барем двојно повисок од инфлацијата. Инаку, според вчерашните податоци на Државниот завод за статистика инфлацијата во август споредено со истиот месец лани е 4,4 отсто. Но нема промена во инфлацијата ако се споредат јануари – август со јануари – јули од оваа година со ланските исти периоди. Во овие два периода инфлацијата е 4%. Сепак, Премиерот очекува стабилизација на растот на цените и годишната инфлација да биде под три отсто односно да биде на стабилните 2 до 2,5 отсто. Дополнително, очекува позитивно за намалување на инфлацијата да влијае и акцијата „Училишна кошница“ која е во тек. Продавачите, според извештаите на Државниот пазарен инспекторат, ја почитуваат оваа мерка.
„Добро е. Добро е. Се придржуваат“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски ги повика граѓаните да ја поддржат кампањата „Македонско најдобро“ и да купуваат домашни производи за да се засили домашното производство што во иднина би придонело и за пониски цени во маркетите.
