„Ја испраќаме годината запаметена по светска пандемија која целосно ни го измени начинот на живеење, а со тоа и светогледот. Ќе ја паметиме како година на најголемата светска криза во новиот век. Старата поговорка вели „на мака се познаваат јунаците“ – така и оваа мака ни покажа многу јунаци на првата борбена линија, ама ни покажа и солидарност, човечност и нѐ потсети колку е важно да помагаме“, посочува премиерот Зоран Заев во својата честитка по повод новогодишните празници.
Тој вели дека на здравствен и на економски план, Владата одговорила со навремени и сеопфатни мерки – обезбедила сигурност за секој граѓанин поединечно, како и за општеството во целост.
„Во креирањето на мерките не се водевме од принципот или-или, туку И здравје, И социјална сигурност. Обезбедивме егзистенција за голем број граѓани, се зачуваа работните места и се одржува кондицијата на економијата. Сите заедно се осигуравме дека имаме стабилен здравствен систем кој функционира без застој. Огромна е пожртвуваноста на здравствените работници, кои и во текот на овие празници се на работните места, во болниците и се борат за секој живот“, истакнува Заев.
Потенцира дека менаџирањето на кризата ќе било невозможно и без ангажманот на припадниците на Армијата, на полицијата, на медиумските работници и на другите на првата линија.
„На сите нив, им оддаваме почит и признание! Во исто време, изразувам сочувство за секој изгубен живот, а заедништвото во оваа борба нека им ја даде сета сила на семејствата кои претрпеа загуби, за да си го најдат мирот“, вели премиерот Заев.
Порачува дека идната, 2021 година, ќе биде година на вакцинацијата и на излез од коронавирус пандемијата.
