Екс премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев уште еднаш ја искоментира идејата на ДУИ за премиер Албанец. Тој рече дека тоа е само национален и популистички концепт кој на ДУИ ќе и донесе пораз и ништо друго. Заев додаде дека би било здраво ДУИ да замине во опозиција.
Од друга страна Фатмир Дехари од ДУИ го зема за пример Кичево за кое рече дека ги има надминато етничките прашања. Тој рече дека првиот премиер Албанец ќе биде премиер за сите граѓани без етнички разлики.
„На крајот на краиштата, јас со гордост можам да кажам, дека заедно ги имаме надминато етничките прашања во нашиот град. Истото ќе се случи со првиот премиер Албанец во Северна Македонија. Не зборувам само за македонските партии кои се плашат дека ќе го изгубат монополот на власта и едноставно, го повикуваат својот електорат. Освен нив, има и граѓани Македонци кои се двоумат за премиер Албанец, но еве, јас ве поканувам да дојдете во Кичево и да видите како функционира, колку е издигнато нашето општество“, истакна Фатмир Дехари.
Во меѓувреме вчера лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прашањето за идејата на ДУИ за премиер Албанец во Северна Македонија, рече дека таквите идеи интегративците можат да ги задржат за себе, за охрабрување и мотивирање на членството, а додаде дека изгледа ДУИ се чувствува многу комотно во оваа 3 годишна влада со СДСМ. И албанските партии како АА, Алтернатива и Беса идејата на ДУИ ја нарекоа манипулативна.
