Заев: Два хеликоптери учествуваат во гасење, од Србија се приклучуваат уште четири

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Зоран Заев се огласи на социјалните мрежи по повод пожарите. Тој кажа дека два хеликоптери веќе учествуваат во гасењето, а се очекуваат да се приклучат уште четири како помош од Србија.

„Пожарите кои ја зафатија земјата донесоа тешка илинденска ноќ, но благодарение на професионалноста и солидарноста на пожарникарите и граѓаните и натаму немаме повредени или загрозени лица.
Материјалната штета е нешто што со заеднички сили ќе го надоместиме, сега најголемата грижа на сите мора да ни биде безбедноста.

Сите сили и капацитети на системот се ангажирани под прецизна команда на Центарот за управување со кризи.

Утрово два хеликоптери интензивно учествуваат во гасењето, а секој момент очекуваме да се приклучат уште четири, како помош од Република Србија. Во интензивна комуникација сме и со нашите НАТО сојузници од регионот кои се будни и подготвени да ни испорачаат помош согласно условите на теренот.

Во моментов се активни 13 пожари, повеќето се локализирани, кочанско е под контрола, а поинтензивна борба со огнот се води околу Старо Нагоричане, каде се насочени сериозни капацитети во гасењето.

Не одете во шумите, бидете внимателни и одговорни, заедно ќе ги надминеме овие пеколни предизвици.“, напиша Заев.