Заев го прекина одморот по бурните реакции, Мицкоски бара ново кризно тело и итна седница во Собранието

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По реакциите во јавноста премиерот Зоран Заев го прекина одморот и заедно со дел од министрите беше опожарените подрачја на Малешевијата. Тој во Будинарци кое е едно од најкритичните места вели дека и покрај огромните напори на пожарникарите, единиците на АРМ како и на странската помош, гасењето оди тешко поради ветерот, но е убеден дека ќе се спасат животите и имотите на граѓаните.

„Верувам дека следните денови буквално со посветеност и со сите капацитети ќе можеме да ги совладаме овие најтешките точки на пожарите како што е овој пожар позади нас. Целта е уште еднаш иако неколку пати повторено, примарна заштита на луѓето, на животите, понатаму на материјалните добра, на куќите на шталите на се што имаат луѓето а секако на крајот и шумите и планините“, рече Заев.

Заев изрази загриженост и за пожарите во Радовишко и во Прилепско, но и на други места што избувнаа деновиве но упати и апел до граѓаните да внимаваат да не се предизвикува пожар.

„Да апелирам до сите граѓани максимална внимателност, воопшто забраната за шетањето во шумите важи и е казнива и затоа треба да внимаваме на односот, затоа што навистина на овие големи температури со ветровите што ги има на територијата на цела Република Северна Македонија можеме многу лесно да предизвикаме нови жаришта и нови пожари“, изјави премиерот Заев.

Тој реон попладнето го посети и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Во позадина се гледа дека се уште гори и она кое што можам да заклучам а и врз основа на тоа што го слушнав од луѓето е дека целата ситуација се менува од час во час. Ова се луѓе херои кои што навистина вложија вончовечки напори.“, рече Мицкоски.

Претходно на прес конференција тој побара целосна мобилизација со секој човечки потенцијал и ресурси за поефикасно справување со пожарите. Според него, системот потфрлил во ефикасноста и навременото дејствување а недостасува и институционално раководење .

„Апелирам да се формира Централно кризно тело, а не ова што го има сега државата. Знам дека од владата ќе одговорат дека веќе има такво но тоа е далеку под просечното ниво за справување со кризи. Повикувам во најкус можен рок Собранието да заседава на посебна собраниска седница каде ќе се разгледува точка со информација за последните случувања со пожарите во Македонија“, вели Мицкоски.

Малешевскиот регион е едно од најзагрозените подрачја во државата од пожарите. Огнената стихија во кој се опфатени Берово Пехчево и Делчево е во радио од околу 50-ина километри.