Се собраа еден час порано за да го пречекаат претседателот на СДСМ, техничкиот премиер и другите функционери. Тротоарите целосно беа „окупирани“ од паркираните возила.
Заев, Спасовски, Сугаревски и Зекири беа пречекани од градоначалничката на Арачиново, Миликије Халими. Тие дојдоа за да видат како напредува работата со изградба на канализационата мрежа. Во своето обраќање, екс-премиерот Заев и градоначалничката Халими, не се осврнаа само на прашањето со канализација. Двајцата искористија 18 минути за да говорат за милионски проекти кои или се реализирани или пак се во фаза на реализација. Кога завршија со говорот пред жителите, еден земјоделец го искористи присуството на Заев за да му ги раскаже неговите маки.
-Но, зошто проектот за канализација почна токму сега, пред парламентарните избори? -праша жителот.
Од она што го виде, Заев изрази задоволство од сработеното досега.
Но, иако не сакаа да говорат пред камера, неколку жителите нѐ упатија да ја снимиме ширината на цевките и нѐ прашаа дали се доволно широки?
Мештаните се пожалија и на недостаток на спортски терен, за што се надеваат на помош од како што го нарекоа Оливер-спасителот.
Ако сега некој Спасовски го смета за „спасител“, тогаш пред изборите во 2016-тата, за некој Заев беше ангел. Дали и сега ја имаат истата поддршка од жителите на Арачиново исто како во 2016-тата?
На претседателските избори, Заев доби 2050 гласа во Арачиново, место населено главно со Албанци. На локалните избори победата повторно ја понесе СДСМ, со што стана првата македонска партија која победила во оваа општина.
