Заев контра Пендаровски за Отворен Балкан – Мојот став за оваа иницијатива е непроменета, вели Пендаровски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Остра реакција на премиерот Зоран Заев по вчерашната изјава на претседателот Пендаровски во која тој изјави дека иницијативата Отворен Балкан има недостатоци и не може да биде успешна. Заев за ТВ21 истакна дека за него е неразбирливо зошто некој би бил против пријателство со соседите и против зближување на народите од Западен Балкан како и полесна и побрза економска размена меѓу земјите од регионот.

„Видовме во минатото што значи затворен Балкан и затоа неоправдано е било кое заговарање против Отворен Балкан. Особено неразбирливо е кога ваквата реакција доаѓа од претседателот на државата кој нема никакви ингеренции во делот на олеснување на царинските процедури, во делот на воведувањето One Stop Shop премини за брз проток на границите, во делот на признавање на работни дозволи и дипломи. Јас сум изненаден што Пендаровски ги промени своите ставови за оваа, пред се економска иницијатива, но нема да бидам изненаден кога повторно ќе се премисли за да даде поддршка во периодот што доаѓа, а во интерес на граѓаните, државата и регионот“, посочи Зоран Заев.

ТВ21 доби став од Кабинетот на претседателот Пендаровски во која се истакнува дека неговиот став за Отворен Балкан е конзистентен од самиот почеток и дека тоа лично му го пренел и на премиерот Заев уште по првичниот состанок во Нови Сад по промовирањето на иницијативата. На оваа тема се разговараше и на првата лидерска средба во 2019 година што беше одржана кај претседателот Пендаровски заедно со опозициските партии.

„Едногласен заклучок на таа лидерска средба во однос на иницијативата Отворен Балкан беше дека нашата држава нема алтернатива на патот кон полноправно членство во ЕУ и дека доколку иницијативата Отворен Балкан има таков карактер, таа не е прифатлива за ниту еден политички субјект во Република Северна Македонија. Претседателот Пендаровски никогаш нема дадено изјава или донесено акт или одлука со која би бил против пријателството на народите во регионот и против нивната ЕУ перспектива. За жал, многу други политичари во регионот делуваат во спротивна насока“, велат од Кабинетот на Претседателот.

Пендаровски вчера на прес конференцијата во Приштина потсети дека тој бил првиот политичар кој изразил резерви кон таа иницијатива бидејќи ако иницијативата Опен Балкан треба да биде алтернатива на членство на Европската унија дека тој е против.  Оваа иницијатива требаше да ги опфати сите 6 држави, а не само половина, вели Пендаровски. Но и во тој случај таа може да биде само дел од Берлинскиот процес. 

„Денес го кажувам она што го повторуваат сите мои странски соговорници изминативе две години дека таа иницијатива е фалична од самиот почеток бидејќи наместо да учествуваат сите 6 држави од Западниот Балкан учествуваат само половината. И мојот став и понатаму ќе биде дека се додека таа иницијатива не ги опфати сите 6 држави на Западниот Балкан нема да биде успешна“, посочи Стево Пендаровски.

Иницијативата Отворен Балкан е потпишана пред две години во Нови Сад меѓу премиерот Зоран Заев, претседателот на Србија Алексадар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама. Во заедничката изјава тие ги поканија лидерите на останатите земји да се приклучат на оваа иницијатива во која како што беше истакнато е во насока за економска соработка меѓу земјите од регионот.