Премиерот Зоран Заев не ги дава Филипче и Хасани. Иако излегоа првите резултати за причините за пожарот, Заев се уште се двоуми за да ги прифати оставките на првите лица на здравството. Според него треба да се чека да завршат сите вештачења за да се донесе одлука, со што се подразбира дека смета дека министерот и заменик министерот за здравство се невини.
По речиси еден месец од избувнувањето на пожарот во модуларната болница во Тетово, излегоа првите информации околу причините за несреќата. Пожарот го предизвикал краток електричен спој на продолжениот кабел на кој биле приклучени дефибрилатор, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат- се вели во извештајот кој го објави Основното јавно обвинителство, изготвен од Одделот за криминално-технички испитувања и вештачења при МВР
„Cо вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.“, се вели во соопштението на ЈО.
Ова вештачење е само еден од досега обезбедените докази. Се очекува во Основното јавно обвинителство да пристигнат извештаите и податоците за кои обвинителството има издадено наредби, како и вештачењето од експертскиот тим од Германија. Од Обвинителството велат дека и натаму интензивно постапуваат по предметот и се преземаат и други дејствија за целосно расветлување на настанот, во кој животот трагично го загубија 14 лица.
