Заев: Не ја бришеме историјата – „Очекуваме исчекор во односите со Бугарија по изборите“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дали Македонија ќе плати превисока цена во напорите за постигнување договор со Бугарија? И покрај жестоките реакции во јавноста по најавата дека ќе се брише зборот бугарски пред фашистички окупатор од споменици и учебниците, премиерот Заев останува на ставот дека со тоа не се менува историјата. Според него тогашната бугарска власт донела одлука да стапи во сојуз со фашистичките земји а поради тоа не треба да се обвинуваат другите генерации.

„Историјата вели, Бугарија тогаш, монархиско-фашистичката влада, донела одлука да стапи во пакт со фашистичките земји. Република Македонија во тоа време, македонскиот народ и сите граѓани што живееле, донеле одлука да се приклучат на антифашистичката борба и тука нема дилема. Никој не чепка во таа историја“, вели Зоран Заев. 

Тој се согласува со изјавата на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој рече дека со блокадата што ја стави на нашиот пат кон Европската унија, Бугарија го прекршила договорот.

„И е прекршен. Затоа што членот 2 од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка вели Република Бугарија ќе ја поддржи Република Македонија, тогаш така стои во Договорот, во нејзините процеси за интеграција во НАТО и во Европската унија. И е прекршен. Таа ни направи блокада.  И тоа е така. И сега можеме да живееме ние уште 27 години со блокадата како што беше со Грција. Зошто не. Тоа зависи како ќе одлучиме сите ние, или како што ни кажува нашиот народ, барем по истражувањата, мудри политики“, додава Зоран Заев.

Заев очекува исчекор во односите со Бугарија по изборите таму кои ќе се случат во ноември. Тогаш ќе се седне и ќе се решаваат работите а дали ќе стиснеме заби и ќе бидеме Европејци без да менуваме нешто од нашата историја зависи од нас рече тој.