Заев: Не се добива државјанство со тројца сведоци, Ахмети: Нема повеќе од 3 500 случаи без државјанство, повеќето се Роми

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Законот за државјанство предложен од коалицијата АА-ААА тешко дека ќе помине во Собрание. Премиерот Зоран Заев, изјави дека ја поддржува забрзаната постапка за добивање државјанство, но смета дека не е добро конципиран. Додава дека е точно дека има граѓани без државјанство, но како што рече тоа ќе треба да се реши со метод основан по европските стандарди.

„Со сведоци не се решава оваа работа. Сведочењето е субјективно. Секој може да донесе тројца членови од неговото пошироко семејство да кажат и готово. На крајот тоа може да биде обжалено и да падне судски и правно. Така да тоа не е решение на проблемот.“, изјави Заев.

Од друга страна првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за ТВ Глоб, изјави дека нема повеќе од 3 илјади и 500 граѓани без државјанство. Според него повеќето од граѓаните кои немаат државјанство се роми.

„Повторно има манипулации, не се Албанци? Од која заедница има најмногу без државјанство? Тоа е ромската заедница! Манипулирано е со државјанството, биле 100 илјади, биле 50 илјади. До сега, во овој 12 годишен период се направени издадени околу 15 илјади државјанства. Вкупно според податоците и известувањата кои ги имам добиено од надлежните кои се бават со тоа, нерешени останале барањата на некаде околу 3 500 граѓани кои побарале државјанство но не добиле одговор.“, изјави Ахмети.

Во врска со ова, пратеникот Снопче вели дека Ахмети се шегува со граѓаните.

„Сметам дека тоа е несериозна изјава на Ахмети. Ние не го оспоруваме тоа дека има многу роми без државјанство, нивниот број може да биде многу голем. Тоа е друго прашање. Да не ги мешаме овие две прашања. Но доколку се оди по таа логика, доколку г. Ахмети знаел тогаш зошто ги малтретира Албанците неколку години по ред и не излегол со овие информации“, рече Снопче.

Инаку во платформата shtetësia.mk направена од коалицијата Алијанса – Алтернатива, досега, според Снопче, се најавиле над 300 граѓани за да го кажат нивниот проблем за добивање на државјанство. Додаде дека има случаи кога едно лице пријавил 4-5 случаи и дека бројот постојано се зголемува.