Заев се сретнал со Ахмети, Села и Гаши – далеку од очите на јавноста се договара новото мнозинство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Заев остварил средби со лидерите на партиите, велат партиски извори на СДСМ. Вчера тој се договори со Мендух Тачи од ДПА кој прифати да биде дел од новото мнозинство, а далеку од очите на јавноста се сретнал и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, а неофицијално околу пладне остварил средба и со Зијадин Села од Алијанса на Албанците.

„Претседателот Заев оствари средба со претседателот на ДПА, Мендух Тачи, на ДУИ, Али Ахмети, на Алијанса за Албанците Зијадин Села и на Алтернатива Африм Гаши. Во тек се консултации од различен формат, доколку има некаков прогрес во разговорите ќе ја информираме јавноста“, истакнаа од СДСМ.

Освен со Тачи, засега нема информации за евентуален исход од овие средби. Го прашавме Заев што е договорено на разговорите со лидерите, но освен дека има средби не одговори конкретно за некаков исход.

„Кога ќе имаме некаков конкретен исчекор ќе информираме. Веќе течат разговори врз основа на принципи со претседателите на политичките партии, со работни групи, членови на раководствата на партиите за нов четиригодишен мандат на стабилно мнозинство во парламентот и формирање посветена Влада која ќе се движи брзо“, посочи Зоран Заев.

Заев уште вчера рече дека преговори се можни и со ДУИ и со Алијанса за Албанците, но не прецизираше кога ќе бидат средбите.  Потврда дека течат преговорите, добивме од генералниот секретар на Алијанса Арбен Таравари.

„Најмногу разговаравме со СДСМ, со другата македонска партија не бидејќи го нема мандатот, да го имаше мандатот би разговарале. Сега за сега сме во постојана неформална комуникација со СДСМ“, истакна Арбен Таравари.

Заев вчера изјави дека ќе формира стабилно мнозинство и тоа многу поголемо од потребни 61 пратеник, но не одговори на што го темели ова негово тврдење. Во јавноста се шпекулира дека Заев се обидува да обезбеди мнозинство и со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Христијан Мицкоски вели дека ги знае лицата кои ја дале понудата, но дека не сака да ги открива за да не се нарушел преговарачкиот процес. Тврди дека на пратениците им се нуделе огромни суми пари.

„Кога приоѓате со понуди изразени во 6 и 7-цифрени бројки во странска валута, кога приоѓате со понуди за привилегии за семејството за ваша заштита, кога приоѓате со понуда дека утре ви е обезбедена средба со врвот на раководството на СДСМ тогаш навистина тоа предизвикува згрозување“, додава Христијан Мицкоски.

За тоа дека води преговори за формирање мнозинство тврди и Мицкоски и дека во текот на наредниве денови ќе се сретне со партиите, за како што рече, да се обиде да состави Влада.