Претседателот Стево Пендаровски извести дека утре ќе му го додели мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев за формирање влада.
„Зоран Заев, во име на коалицијата ,,Можеме”, која што има освоено најголем број пратенички мандати во Собранието, го информираше претседателот Пендаровски за преговорите со повеќе партии за обезбедување на неопходното мнозинство во Собранието за избор на владата“, посочуваат од кабинетот на Претседателот.
Оваа одлука на Претседателот следува и наспроти дилемите дали може да се додели мандатот за формирање влада без да се знае јасно кое е парламентарното мнозинство. Тоа врз што се базира претседателот Пендаровски е член 90 од Уставот каде се вели дека претседателот на Републиката има обврска во рок од 10 дена од денот на конституирање на Собранието, мандатот за формирање влада да му ја довери на кандидатот на партијата, односно партиите кои имаат мнозинство во Собранието.
Но, овде се отвора друга дилема, кога се смета за конституиран Парламентот, со верификација на пратеничките мандати или со избор на собраниски спикер.
Претседавачот на конститутивната седница, Талат Џафери вчера за ТВ21 рече дека Собранието се смета за конституирано тогаш кога е избран претседател, односно кога е формирано парламентарното мнозинство, и така Претседателот може да го додели мандатот за влада.
Талат Џафери: Да претпоставиме дека на 14 (август) политичките партии ќе излезат со изјава дека имаат мнозинство и дека тој ден Пендаровски ќе го додели мандатот….
ТВ21: И се вели – да го извести претседателот на Собранието…
Т.Џ: Кого ќе извести Претседателот дека го доделил мандатот, согласно Членот 110 од Деловникот на Собранието? Претседателот на Собранието кој не постои?!
Од ВМРО-ДПМНЕ се со став дека Собранието се уште не е целосно конституирано.
Собранискиот спикер во заминување, Џафери вчера рече дека би било противуставно доколку Претседателот го додели мандатот без да биде избран новиот претседател. Тој најави дека постои опасност институциите да западнат во уставно-институционална криза бидејќи Претседателот нема кого да информира.
