Пустец во Албанија е општина во која живее мнозинство Македонци. Владина делегација заедно со премиерот Зоран Заев посетија училиште и донираа книги на македонски јазик. Важно е за децата да учат на мајчин јазик, нешто што го има, како што вели Заев, во Македонија, но и во Албанија.
Дека македонскиот јазик и идентитет не се предмет на преговори со Бугарија, Заев уште еднаш го потврди во изјавата пред новинарите. Тој порача дека македонската страна нема намера да попушта во спорот и барањата со Бугарија.
„Впрочем и Бугарската страна јавно ја призна реалноста за постоењето на македоснкиот јазик и македонскиот идентитет. Затоа ниту некој бара, ниту има потреба некој да попушта затоа што тоа воопшто и не се разговара. Зимаме обврска за подинамично да ги градиме односите со коридорот осум кој што не поврзува Драч Албанија, Северна Македонија со Бугарија се до Турција“, истакна Зоран Заев.
Заев посочи дека Република Северна Македонија иако не знае кој е конкретниот проблем со Бугарија, сепак продолжува за негово отклонување.
„Затоа што сме пријателски земји и веруваме дека треба да си помагаме меѓу себе и да одиме напред за да целиот Балкан биде во Европската Унија. Проблемот настана со долгото и краткото име на Северна Македонија, дали има или нема територијални претензии према Бугарија, секако дека тоа го потврдивме дека нема. Го решивме на начин на кој се решава како Европски земји но за жал проблемот сеуште не е отклонет“, посочи Зоран Заев.
За училштето во Пустец Заев рече дека се обезбедени 30.000 евра средства обезбедени од донации за уредување и изградба на спортски терени во училштето,од кои дел се дониране денеска, а дел ќе бидат донирани во февруари.
