Заев: Во Тетово СДСМ ќе ја поддржи СДСМ – изборите најверојатно на 31. октомври, ВМРО-ДПМНЕ реагира за кршење на Уставот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во текот на оваа недела премиерот Зоран Заев ќе има средба со неговиот коалициски партнер Али Ахмети со што и ќе се утврди заедничкиот настап меѓу СДСМ и ДУИ на претстојните локални избори. Со првите луѓе на Беса, Биљал Касами и на ДПА, Мендух Тачи веќе разговарал. Тој повтори дека најголем дел од коалиционите настапи ќе бидат уште во првиот круг. На прашањето кого СДСМ ќе поддржат во Тетово дали Беса или ДУИ тој рече дека ќе излезат со свој кандидат.

„СДСМ ќе ја поддржи СДСМ. Таму имаме тројца коалициони партнери кои што сигурно настапуваат со свои кандидати. Нашето раководство општинско вели дека треба и ние да настапиме. Дали ќе излеземе ние со кандидат или не, не можете да изберете кој од коалиционите партнери, логично е ние да одиме со наш кандидат, секој да оди со свој кандидат во такви средини за да во вториот круг, кога би останала една опозициона и една владејачка партија било која од нашите, нормално и логично е да се поддржиме владејачките партии, затоа што имаме централна коалиција“, рече Заев.

Заев најави дека најверојатно датумот на изборите ќе биде на 31 октомври и за тоа рече дека се подготвува законско решение за пролонгирање на мандатот на градоначалниците.

„Имаме причина за одложувањето на изборите а тоа е секако пописот кој што се спроведува во септември, не сакаме кампањата да се поклопи со пописот и секако причината е пандемијата за одлагањето. Така што ако не се промени тоа со закон изборите треба да бидат до 17-ти и фактички имаме поклопување на кампањата со пописот. Предлогот доминантно е од партиите, ќе се изјаснат сите, но доминантно е 31 октомври да биде ако се согласат“, изјави Заев.

Експресна реакција од ВМРО-ДПМНЕ, Заев без договор изнесува датум за одржување на изборите.

„Уставот е над се и во оваа држава Заев треба да ја прекине пракса на кршење на Уставот на Република Македонија кој патем јасно утврдува дека мандатот на градоначалниците истекува пред датумот кој Заев го нуди како можен датум за локалните избори. Односно согласно Уставот локалните избори треба да се одржат до средината на месец октомври. Ако неговиот аргумент е одржување на пописот, тогаш Заев може да го одложи пописот за месец ноември и со тоа ќе се испочитува Уставот“, вели Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.

И од Алијанса за Албанците велат дека согласно Уставот изборите треба да се одржат во редовниот термин.

„Според Уставот изборите треба да се одржат на 17 октомври и овој датум е наш предлог. Алијанса за Албанците е спремна да победи на избори кога и да се одржат тие. Не гледаме основана причина за одложување на датумот, но и најавите за ситуацијата со пандемијата не одат во прилог на одложување на изборите“, велат од Алијанса за Албанците.

Инаку, Заев најави можност на локалните избори да се оди со отворени листи. Предлогот е да има праг од најмалку 3 проценти што значи кога би биле 16 илјади избирачи, прагот би бил од најмалку 500 избирачи и во тој случај преференцата ќе го качува кандидатот кон погоре. Засега за ова има договор од СДСМ ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, но се чека за ова да се изјаснат и помалите партии.