Заев за ТВ21: Во Софија го доставивме патоказот, ВМРО-ДПМНЕ ќе го повика народот на улица ако имало предавство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Предлогот што го однесов во Софија не се однесува на никакви идентитетски прашања туку го доставив Патоказот за идната интензивна соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија. Ова за ТВ21 го изјави премиерот Заев, откако деновиве во јавноста беа пренесени шпекулации дека во сината папка што ја достави во Софија, еден од предлозите е дека македонскиот и бугарскиот јазик се исти, но меѓународно признаени како посебни.

„Уште кога излезе оваа неточна информација веднаш ја демантиравме од Владата. Неколку пати сме повториле и тоа секаде јавно и пред сите европски институции – за Македонскиот јазик и за Македонскиот идентитет не преговараме, ниту пак некој има право да преговара. Предлогот што го доставивме во Бугарија е Патоказот (Road Map). Согласно кои двете страни се обврзуваме за зголемување на ефикасноста во сите области на соработка со конкретни рокови и задолжени институции, меѓу кои е и предлог за интензитетот на идното работење на Историската образовна комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија“, вели Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ и натаму со обвинувања дека Заев прави национално предавство. Се води еден крајно нетранспарентен процес што значи дека тие не се поволни за Македонија, коментираат од опозицијата.

„Како што гледате во Бугарија сите политички партии се добро информирани за процесот и комуницираат со Владата и Владата ги информира, додека во Македонија тие информации се кријат од опозицијата и логиката е едноставна, се кријат затоа што не се поволни за Македонија. Ние сме на улиците и доколку Зоран Заев влезе во процес на национално предавство ќе го повикаме целокупниот македонски народ на улиците“, истакна Александар Николовски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

По посетата на македонската делегација предводена од премиерот Заев во Софија во четвртокот во јавноста беа пласирани шпекулации дека во сината папка што беше доставена до бугарската страна има 5 предлози. Во Македонија најмногу реакции предизвика шпекулацијата наведена во дел од бугарските медиуми, дека еден од предлозите било дека Македонците и Бугарите зборуваат ист јазик, но меѓународно признаени како различни.