Загадување на водата во Гостивар: СДСМ бара кривична одговорност од власта, ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто Филипче и СДСМ со години не презеле мерки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По информациите за присуство на бактеријата Pseudomonas aeruginosa, продолжуваат меѓусебните обвинувања на опозицијата и власта за случајот со загадувањето на водата во Гостивар. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ бараат лидерот на опозицијата Филипче да не се однесува како народот да има колективна амнезија и да каже зошто не реагирал за водата во Гостивар кога бил министер, додека опозициската СДСМ бара кривична одговорност од премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски.

„Има нов, сериозен момент во скандалот со загадената вода во Гостивар. Власта официјално потврди присуство на бактеријата Pseudomonas aeruginosa во водата. Водата што ја прогласија за „техничка“ и дека може да ја користат граѓаните има бактерија.  Страшно! Тоа значи дека граѓаните на Гостивар се капеле со бактерија која претставува ризик по здравјето. Кожни инфекции и бројни други сериозни заболувања и други инфекции предизвикува оваа бактерија. Ова е врв на институционалниот колапс и уште еден здравствен скандал“, истакна на прес-конференција Елена Радеска од СДСМ.

Според неа, премиерот и министерот за здравство се кријат зад министерот за внатрешни работи Тошковски и директорот на ДЗС Ангелов, луѓе за кои Радеска рече дека не се стручни за ова и само создаваат забуна и грижа кај граѓаните. Таа додаде дека Обвинителството мора да отвори истрага и дека за нив мора да има кривична одговорност.

Од друга страна, од владејачката партија велат дека СДСМ и нејзинот лидер Венко Филипче се обидуваат политички да профитираат од состојбата во Гостивар, но повторно, според нив, ја премолчуваат вистината.

„Документите кои ги проследуваме секојдневно до јавноста, покажуваат дека во периодот кога СДС беше на власт, а институциите беа под нивна надлежност, имало бројни случаи на небезбедна вода за пиење, но тие не наишле на решавање од страна на тогашната власт. Ова е проблем што се провлекувал со години, додека Филипче и СДС управуваа со државата. Прашањето кое треба да го одговорат СДС и Венко Филипче е што тие направија за да ги заштитат граѓаните?“, рече Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

Тој посочи неколку извештаи од 2022 и 2023 година, кога водата во гостивар не била безбедна за пиење, но на граѓаните не им билоп кажано да не ја конзумираат. Според Манасиевски, овие документи биле доставени токму до Филипче и институциите кои ги водел СДСМ, додавајќи дека наместо денес да држат лекции, тие треба да одговорат зошто со години не презеле мерки за решавање на проблемите со водоснабдувањето и безбедноста на водата за пиење во Гостивар, но и во сите други населени места.