Работник од Турција го загубил животот по падот од висина од објект кој се гради во Скопје.
34 годишен маж со иницијали Ф.А. бил однесен во Ургентниот центар на клиниката Мајка Тереза но им подлегнал на повредите.
Несреќата ја потврдија и од МВР.
„На 02.05.2023 во 18:40 часот во СВР Скопје било пријавено дека од објект во изградба на подрачје на Центар со повреди се здобил работникот Ф.А (34) од Република Турција, со привремен престој во Скопје, кој бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза„ за укажување лекарска помош. Од здобиените повреди, Ф.А нешто подоцна починал. Увид извршила екипа од СВР Скопје, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција“, велат од МВР
Законот за безбедност и здравје на работно место предвидува работникот да може да одбие да врши работни активности доколку не се исполнети сите услови за безбедност и постои опасност по живот. Исто така работниците се обврзани да носат опрема или заштитна униформа при работа. Но колку се почитуваат овие правила?
ТВ21 испрати прашање до компанијата во врска со објектот каде се случила несреќата, дали жртвата носела заштитна опрема при работа, но не ни одговорија до почетокот на ова издание на вестите. Исто така без одговор се и прашањата колку е уреден престојот на работниците од Турција и по колку часа на ден работат?
Од Трудовиот инспекторат ни рекоа дека турскиот државјанин бил пријавен за работа во Македонија, Имал регулиран престој и имал социјално и здравствено осигурување. По инцидентот, од Инспекторатот излегле на терен на увид.
„Од страна на Државниот инспекторат за труд извршен е увид на лице место на несреќата од надлежен инспектор и по увидот во доставената документација ќе се изготви записник за утврдена фактичка состојба и ќе следи информација. Штом надзорот заврши информацијата ќе биде доставена до медиумите“, велат Државен трудов инспекторат.
Несреќата се случи само неколку дена откако во земјава беа засадени 22 садници во чест на 22 жртви на работно место во текот на 2022. Според статистиките, најголем број жртви има во земјоделието, но и во градежништвото. Исто така, според статистиките од вкупниот број странски работници кои работат во земјава, над 50% доаѓаат од Република Турција.
