Загинаа 177 лица меѓу нив и неколку деца, двајца преживеани – страшен биланс од авионската несреќа во Јужна Кореја

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Најмалку 177 луѓе загинаа денеска кога авион на Jeju Air слета на трупот, се лизна во ѕид на крајот од пистата и експлодира на меѓународниот аеродром Муан во Јужна Кореја, соопштија пожарникарите.

Летот на Jeju Air 7C2216, кој доаѓал од тајландскиот главен град Бангкок со 181 патник и членови на екипажот, се обидел да слета околу 9 часот по локално време на аеродромот на југот на земјата.

Двајца членови на екипажот беа спасени, а официјалните лица претпоставуваат дека сите други се мртви.

Тоа е најсмртоносната воздушна несреќа во Јужна Кореја досега и најтешката несреќа на јужнокорејска авиокомпанија во последните 30 години.

Сите домашни и меѓународни летови на аеродромот во Муан се откажани, објави Јонхап.

Возраста на патниците се движела од три до 78 години, но повеќето биле на возраст од 40, 50 и 60 години, објави јужнокорејската новинска агенција Јонхап.

Според јужнокорејските власти, најмладиот патник бил тригодишно момче. Од вкупниот број загинати, пет се деца под 10-годишна возраст.