Захариева: Не можеме да кажеме „Да“ – Молк од македонските власти за ветото од Бугарија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бугарскиот државен врв деновиве на тамошните медиуми секојдневно го потврдуваат ставот дека тие ќе застанат на патот на Македонија кон почнување на преговорите со Европската унија. И во денешното интервју министерката за надворешни работи Екатерина Захариева е категорична дека Бугарија не може да и каже „Да“ на Македонија и дека нивната поддршка не е безусловна.

„Бугарија не е во состојба да ја одобри преговарачката рамка за Република Северна Македонија. Веќе подолго време како што ги поставивме условите и тие не се нови. Да, еден договор е добро што се потпиша, но тој треба да се исполнува. И покрај шпекулациите ние немаме никакви претензии за тоа како да се определат нејзините граѓани и нивниот јазик. Но од друга страна не можат тие да имаат претензии кон бугарските граѓани како тие се определуваат за тој јазик“, вели Екатерина Захариева.

Захариева наведува и дека непризнавањето на историската вистина доведува и до сериозни проблеми во односите меѓу двете земји. На прашањето дали можеби Бугарија ќе попушти по притисоците од европските земји првенствено од Германија, таа беше децидна дека до тоа нема да дојде.

„Да се слушнавме со канцеларката Меркел и ги кажав нашите позиции и на неа и постојано сме во  контакт со претседателството и и кажавме дека не е направено доволно за да кажеме „да““, посочува Екатерина Захариева.

Побаравме став од министерот за надворешни работи Бујар Османи за она што бугарските државни личности се категорични во нивните ставови но тој и денеска и претходно одбива да одговори во врска со прашањата со Бугарија. Во јавноста не излезе ниту тој ниту Димитров по средбата со Захариева во Берлин. Единствено денеска објави кратко соопштение по одржаната видео конференција посветена на Западен Балкан во кое Османи имал обраќање на панелот за процесот на пристапување во Европската унија.

„Ги повикувам нашите европски пријатели да го препознаат моментумот и да не ја пропуштат шансата да се финализира крајот на годината онака  Посакувам нашите соседи да бидат моторот, а не кочницата во нашиот процес на интеграција и заеднички да ги уживаме придобивките од политичката, економската и социјалната трансформација на регионот. Земјите од Балканот припаѓаат на европското семејство“, вели Бујар Османи.

Состанокот на Советот на министри на која треба да се утврди преговарачката рамка треба да се одржи за 5 дена, а првата Меѓувладина конференција се планира во декември.