Бугарија на никаков начин не им го оспорува правото на Македонците за самоoпределување, вели шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева во интервју за бугарската телевизија Нова.
-Не за прв пат пред избори во Северна Македонија, Бугарија е интересна тема. Прво никој не им го оспорува тоа да се определат како што сакаа и никој не смее тоа даго прави. Никој од Бугарија, правото на самоопределување е право на секој човек, вклучително и Бугарите, секој може да се определи како што сака.-рече Захариева.
Сепак, таа нагласува дека тоа не смее да биде заснована на невистини и на кампања против официјална Софија, што било и причина за постигнување на Договорот за пријателство и добрососедство.
-Самоопределување и таа нација, кои тие ги градат од 1944 година, не треба да се темелат на лага и на антибугарска кампања. Треба да се темелат на вистината. Основата на нашиот договор е историјата. Заедничката историја. Никој не им го оспорува правото да имаат држава и да се самоопределат-вели Захариева.
Борисов пак порача дека Бугарија, колку што силно ја поддржува нашата земја на патот кон ЕУ, толку силно стои и на тоа дека треба да се држиме до историјата и Договорот за добрососедство.
„Ние први ги поддржавме за НАТО. За што не сме ги поддржале. Што треба да правиме, да излеземе и на крајот да кажеме дека сме Македонци? Ние завршивме работа, ги почитуваме и би им дал најбратски совет да не си поставуваат самите невозможни услови“, истакнува Борисов.
Неодамна бугарскиот европратеник Андреј Ковачев се закани дека Бугарија би можела да стави вето на стартот на преговорите на земјава со ЕУ, доколку заедничката историска Комисија не почне со работа до јуни.
Захариева минатата недела одби да го коментира ваквиот став на Ковачев, но потенцира дека инсистира Комисијата да продолжи со работа, додавајќи дека во текот на процесот на преговори на една земја за членство во ЕУ, потребна е согласност на секоја од државите членки на Унијата за отворање и за затворање на поглавјата и за целиот преговарачки процес.
Од македонското министерство за надворешни работи велат дека македонската Влада како и досега ќе продолжи со засилена комуникација и консултација на политичко ниво со Европската комисија, со Бугарија како и со останатите земји членки на ЕУ.
