Претседателот на државата Стево Пендаровски ќе ги потпише указите на петте закони кои Собранието ги усвои, а кои се потребни за изградбата на коридорите 8 и 10Д. Тој ова го соопшти откако се консултираше со неговиот правен тим и како што рече увидел дека во нив нема одредба која се коси со Уставот, особено за законот за работни односи.
„Текстот на усвоениот закон не ја содржи оспорената одредба од Уставниот суд која што предвидуваше дека работното време на секој работник може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината. Изминативе месеци дадов неколку јавни изјави дека нема да потпишам указ за прогласување на закон кој содржи одредба што претходно е оспорена од Уставниот суд и во таа насока новиот текст на законот не ја содржи формулацијата 60-часовна работна недела.“, рече Пендаровски.
Пендаровски рече дека одлуката да стави потпис на указот на пакетот закони за коридорите 8 и 10Д ја донел по консултација со експерти, особено по трудово право. За реакцијата на синдикатите кои нивното изгласувањето во петокот го нарекоа црн петок за правата на работниците, шефот на државата ги повика да ги оспорат пред Уставен суд.
„Имајќи ги во предвид приговорите на дел од синдикатите, дел од граѓанските здруженија кои работат во оваа сфера како и на некои политички партии им укажувам дека секоја заинтересирана страна има право да поднесат иницијатива за оценка на уставноста на секој закон вклучително и на овој. Уставниот суд е единствената институција во нашиот правен поредок која го дава последниот збор во однос на уставноста на законите.“, рече Пендаровски.
Собранието во петокот ги изгласа пакетот закони потребни за изградбата на коридорите 8 и 10Д, за кој ВМРО-ДПМНЕ гласаше против и оцени дека ваквиот проект е криминален и коруптивен. Американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка е предвидено да ги гради четирите автопатски делници, а рокот на изведба е до 2027 година.
