Предлог-законот против пушењето веќе е во собраниска процедура, во второ читање, а за него се поднесени осум амандмани. Министерот за здравство во заминување, Азир Алиу, очекува законот да стапи во сила во рок од две до три недели.
„Формиравме експертска група која ќе ги разгледа амандманите и ќе даде мислење за нив. Новиот министер треба да ги достави следната недела, за законот да ја помине таа фаза и да биде ставен на гласање на пленарна седница. Сметам дека за две до три недели ќе стане дел од нашиот законодавен систем, бидејќи е навистина многу важен за здравјето на нашите граѓани“, изјави Азир Алиу, министер за здравство.
Во врска со недостигот на тимови за итна медицинска помош, Алиу оцени дека станува збор за светски тренд, додавајќи дека се очекува Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ да ја одобри новата студиска програма.
„Очекуваме одговор од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, од Сенатот, за новата студиска програма да биде одобрена. Станува збор за тригодишни студиски програми кои ќе овозможат тимовите да бидат пооптимални, подобро организирани и да обезбедат поголема предвидливост во итната медицинска грижа. Освен инфраструктурата, еден од главните проблеми е човечкиот фактор. Не можеме соодветно да ги организираме тимовите, бидејќи тие често преминуваат на специјализации и супспецијализации, наместо да останат да работат како кадар во итната медицинска помош“, изјави Азир Алиу, министер за здравство.
Ова Алиу го изјави по брифингот со новинарите, на неговата последна средба со медиумите како министер за здравство.
