Законот за бранители останува заглавен – Гаши: Немам можност да ја свикам седницата, Даути веќе го стори тоа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Собранието Африм Гаши за идната недела побарал да се закаже седница на Комисијата за деловнички прашања. Сепак на таа седница не е ставено и барањето на СДСМ да се расправа дали тој го крши Деловникот затоа што не ја свика Комисијата за социјални прашања. Гаши рече дека на неа ќе се расправа за одделни недоречености во Деловникот, но не беше конкретен дали на дневен ред сепак ќе се стави и барањето на СДСМ.

-Јас поодамна најавив дека за колизија помеѓу членови од Деловникот секогаш кога ќе се појават такви ситуации ќе свикаме Комисија за деловнички и имунитетни прашања. Мене ми е одземена можноста да свикам седница која веќе е свикана во одреден ден кога требало да се постапи по тоа прашање, така што тоа останува во доменот на Комисијата за социјална политика, вели Африм Гаши, претседател на Собранието.

Гаши смета дека Илире Даути свикала седница по неговиот допис за законот на бранителите. Дали Илире Даути го крши Деловникот со тоа што не ја закажа седницата конкретно за законот за бранителите Гаши вели дека таа носи политичка одлука.

-Јас како претседател на Собранието сум обврзан да го применувам Деловникот но не сум тој кој суди дали некој прекршил или не, тоа останува како простор за интерпретација на различни политички аспекти од правен аспект, секој како што го гледа тоа може да го оцени, вели Африм Гаши, претседател на Собранието.

Според претседателот на СДСМ Венко Филипче новиот Деловник предвидува да не можат да се блокираат законите и затоа очекува претседателот на Собранието да ја закаже седницата, но доколку тоа не се случи најавија дека ќе одлучат понатаму какви чекори ќе преземат.

-Ќе видиме сега што ќе се случи со овој механизам и после, согласно тоа ќе ги градиме ставовите и чекорите понатаму. Ќе видиме што ќе се случи со Комисијата и со овие чекори и инструменти кои што сега се практично во рацете на претседателот на Собранието и согласно тоа ќе решаваме, вели Венко Филипче од СДСМ.

Вицепремиерот Изет Меџити со прашање до СДСМ дали беа искрени кога промовираа граѓански концепт или сега кога преку ноќ станаа националисти.

-Што се однесува до Законот за бранителите прашањето и дилемата е како Социјалдемократскиот сојуз, партнерот на Демократската унија за интеграција кој што 8 години го промовираа граѓанскиот концепт врз основа на кој добиваа и албански гласови и имаа високи функционери во нивните редови како преку ноќ од граѓански концепт истиот политички субјект предлага закон за бранителите, изјави вицепремиерот Изет Меџити.

Законот за бранителите засега останува заглавен во собраниските процедури и неизвесно е дали воопшто ќе дојде на расправа.