Законот за еднаква застапеност ќе го замени балансерот – „Тие кои одат на работа, нема да бидат отпуштени“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Балансерот ќе се укине. А еднаква етничка застапеност ќе се постигне преку спроведување на Законот за еднаква застапеност. Вака извести министерот за здравство, Арбен Таравари. Што се однесува до формирањето на новите министерства, ќе се направи систематизирање на вработените таму каде има потреба. Тие кои не работат и земаат плата, ќе бидат отпуштени од работа, додаде Таравари.

„Ние се договоривме, прво треба да го донесеме Законот за еднаква и соодветна застапеност и после тоа ќе се укине балансерот. Нема потреба за балансерот кога има закон. Сите луѓе кои одат на работа, никој нема да биде отпуштен, ви гарантирам. А тие кои не одат на работа, да. Ќе има систематизирање на вработените во институциите таму каде има потреба. Така да ве уверувам дека лицата кои се вработени и работат, ниту еден од нив нема да биде отпуштен“, изјави Таравари.

Пратеничката на ВРЕДИ, Мимоза Муса, зборувајќи за оваа измена, рече дека во случај на несопроведувањето на Законот за еднаква застапеност, ќе има инспекторат кој ќе врши надзор.

„Бидејќи вработувањето е загарантирано со закон, дури и ако законот не функционира, го имаме инспекторатот кој ќе провери дали е извршено правилно вработување и дали е во ред етничката застапеност. Мислам дека ова е доволен аргумент. Плус, невозможно е да се констатира нешто што не е направено во пракса, да се каже дали ќе успее или не“, вели Муса.

Пратеничката Муса рече дека балансерот досега не функционирал, но со ваката констатација не се согласува пратеничката на Европскиот фронт, Арбана Пашоли. Таа се сомнева дали ќе има еднаква застапеност на вработените на етничка основа во сите институции.

„Ја слушнавте изјавата на народниот правобранител дека е противуставно да се повлече балансерот, но сепак не знам како ќе се грижат за правичната застапеност на Албанците кога Иван Стоилковиќи ќе биде поставен на чело на Министерството за односи меѓу заедницата“, изјави Пашоли.

За да има еднаква етничка застапеност при вработувањето, ВМРО-ДПМНЕ деновиве одржа работна средба со Европскиот фронт, на која двете партии се договорија да формираат ад хок комисија, со претседател предложен од опозицијата. Но, по ова прашање засега нема нови случувања.

Оваа комисија ќе ја следи правичната застапеност на сите етнички заедници во органите на државната администрација, а за својата работа двапати годишно ќе го информира Собранието. Овој закон е подготвен со поддршка на меѓународните партнери на државата и е дел од ИПА програмата на Европската Унија.