Измените на законот за здруженија кои ги предлага ВМРО-ДПМНЕ а кои предвидува забрана за формирање субјекти со контроверзни имиња се најде на дневен ред на денешната седница на Собранието по скратена постапка, но за седницата да почне се чекаше цели 5 часа, за во меѓувреме да биде доставен и предлог од пратениците на СДСМ за ист таков закон, но кој ќе се однесува на политичките партии.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека владејачкото мнозинство им го копирало текстот на законот.
„Дополнително се огласи на прес конференција и Социјалдемократскиот сојуз кажувајќи дека ќе има и предлог измени и дополни на Законот за политичките партии во кој што апсолутно е ископиран текстот кој што беше даден во Предлог законот за здруженија и фондации и апсолутно дословно истиот текст е ставен во ова предлог-законско решение“, вели Рашела Мизрахи.
Уште претпладнето од СДСМ најавија дека ќе го поддржат предлогот за измени на Законот за здруженија и фондации, од каде рекое дека се согласуваат дека има потреба да се донесат такви измени.
„Се согласуваме дека Законот за здруженија на граѓани и фондации навистина бара ревидирање. Станува збор за закон кој што е стар веќе десетина години.Апсолутно го поддржуваме правото на слобода на здружување, но исто така мора да застанеме во одбрана на вредностите врз кои се темели нашата држава а тоа се антифашистичките вредности. Така што секој предлог што е во таа насока ќе го поддржиме“, вели Санела Шкријељ.
Според предлогот на ВМРО-ДПМНЕ кој се однесува на законот за здруженија и фондации треба да бидат изменети два постоечки членови меѓу кои и веќе формираните здруженија со проблематични имиња треба да го сменат својот назив, а доколку тоа не го направат ќе бидат избришани од Регистарот на здруженијата. Предлогот на СДСМ е исто како и за здруженијата така и за политичките партии да важат одредбите за забрана на ширење фашизам, нацизам и национал-социјализам.
