Заменик-претседателот на Иран ја прослави Новата година на Антарктикот – сега го разрешија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан го отпушти својот заменик Шахрам Дабири поради луксузно патување на Антарктикот за време на прославата на иранската нова година, Новруз, пишува Би-Би-Си.

Кабинетот на претседателот го опиша патувањето на Дабири како „неоправдано и неприфатливо со оглед на актуелните економски предизвици“ во земјата.

Фотографијата на Дабири и неговата сопруга пред бродот MV Plancius, кој пловел кон Антарктикот, предизвика бес на социјалните мрежи во Иран. Пезешкијан денеска изјави дека постапките на Дабири се „неодбранливи“, без разлика дали се финансирани од лични средства.

„Во влада која се обидува да ги следи вредностите на првиот шиитски имам (Имам Али) и во услови на значителни економски притисоци врз нашиот народ, не може да се оправдаат раскошните патувања на владините претставници, дури и кога се лично финансирани“, рече Пезескијан.

Иранската економија се соочува со сериозни тешкотии поради меѓународните санкции и внатрешната корупција. Инфлацијата достигна 29,5 отсто, додека стапката на невработеност во октомври 2024 година изнесуваше 8,4 отсто, покажуваат податоците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Пезешкијан истакна дека дејствијата на Дабири „се спротивставуваат на принципот на едноставност што е суштински за оние на позиции на моќ“.