Ова е Ука Алити. Тој во Тетово е познат како пожарникар херој. Беше сведок на многу трагични настани не само во Тетово, туку и пошироко. Денеска дојде во Противпожарната единица, но не како командир, туку како пензиониран пожарникар. Ука веќе не е дел од тимот на тетовската Територијална противпожарна единица. Замина во пензија по 30 години работа, а повеќе од 20 години поминал во бригадата во Тетово. Раскажува дека ова за него е многу тешко, бидејќи по 20 години треба да ја соблече униформата и да си замине од местото кое го гледал како втор дом.
-Точно е дека веќе 10-тина дена не сум во Противпожарната единица во Тетово. Во моментов сум на редовен годишен одмор, но по завршувањето на одморот веќе нема да се вратат во противпожарната единица. Направивме примопредавање на средствата, опремата, возилата, како и на целата документација. Сакам да кажам дека си заминувам. Ова го кажувам со жалење, бидејќи ова беше мојот втор дом. Покрај мојот дом, тука поминав многу време со моите колеги. 20 години бев редовен, 20 години во ТППЕ, и 10 години на друго работно место. Се пензионирам со 30 години работно искуство-рече Алити.
Ука е задоволен што зад себе остава спремни и одговорни луѓе:
-Од оваа куќа си заминувам со добра мисла, бидејќи знам дека оставив момци кои ќе бидат посветени на граѓаните на Тетово и граѓаните на останатите пет рурални општини, бидејќи ние покривавме и пет рурални општини. Сакам да кажам дека знам оти оставам момци кои ќе се грижат за безбедноста на граѓаните во пожари, сообраќајни несреќи, и секаква друга неприлика со која ќе се соочи општина Тетово, но и другите општини во Северна Македонија.
Но, Ука вели дека пензионерските денови нема да ги минува со скрстени раце:
-Планирам да основам хуманитарно противпожарно здружение, односно повторно да им се посветен на моите граѓани до крај, сѐ додека имам сила. Со млади момци, со тоа хуманитарно здружение да бидам пред граѓаните.
Ука учествуваше во спречување на бројни несреќи во Тетово. Има неколку настани кои не би сакал да се случат никогаш.
-Во моите мемоари има доста случаи во изминативе 20 години. Сега не би сакал да ги набројувам, но има 4-5 случаи кои не би сакал да се случеа никогаш. Но, да се биде пожарникар е тешка, но и хумана професија. Кај пожарникарите секогаш преовладува стресот. Кога зборуваме веќе за стресот, има неколку случаи кои никогаш нема да ги заборавам, иако сакам, но никако не можам да ги избришам. Да го спомнам случајот со улицата „Гоце Делчев“, случајот со земјотресите во Албанија, автобусот во Ласкарци, случајот со модуларната болница. Ова се несреќи на кои не би сакал да се сеќавам, а не пак да зборувам за нив, вели Алити.
Тетовци секогаш ќе се сеќаваат на Ука Алити како командир на Противпожарната единица кој даваше сѐ од себе за да го спаси нивниот имот, доколку биде зафатен од пожар. Несомнено, Ука ќе остане симбол на Тетово.
