Замрзнат глушец во пакетот со зеленчук, производот повлечен од рафтовите на продавницата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Наместо да јадат здрава вечера со брокула, карфиол и морков, тие на пакетот со зеленчук нашле замрзнат глушец. Семејството Чулакоски од Битола се запрепастени бидејќи за прв пат нашле такво нешто во храна. Само Иван го пробал зеленчукот бидејќи првично не го забележал глушецот. За среќа децата не јаделе.

„Смесата од кесичката ја истуривме во тенџере па ја сваривме меѓутоа глушецот не го видовме. Кога ја префрливме смесата во чинија за да почнеме да јадеме и уште го немавме приметено и јас почнав да консумирам брокулата. Подоцна го видовме. Сликата беше одвратна. Додека се вареше каснав од тенџерето меѓутоа добро е што децата не го видеа тоа затоа што ќе останаа со трауми“, изјави Иван Чулакоски

Агенцијата за храна и ветеринарство денеска го повлече производот од сите продавници во земјата. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николе Бабовски, потенцира дека АХВ ќе изврши вонредни инспекциски надзори, односно ќе се испратат примероци на овој производ во лабораторија за да се утврди квалитетот на истиот.

„Поради сомнеж за физичка контаминација ( присуство на страно тело – глушец) во замрзнат зеленчуков микс “Сани фантази- Царски микс” по потекло од Република Србија, увезен од КАМ ДООЕЛ, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде забрана за промет на овој производ и нареди негово повлекување од рафтовите на КАМ маркетите на цела територија на државава. Издадена е наредба на операторот со храна да изврши сопствена проверки на секоја серија/лот од овој производ, во сите маркети каде е пласиран овој производ, на територијата на  цела држава“, посочија од АХВ.

Агенцијата за храна и ветеринарство ги известува потрошувачите доколку купиле ваков производ, пред консумација внимателно да го отворат и погледаат и доколку утврдат присуство на страни тела, истиот производ да го вратат на местото на купување и за тоа да ја известат АХВ.