Поради случаите со зарацени лица со Западнонилска треска во Скопје, вклучен е алармот во Полошкиот регион. Соочени со овој здравствен ризик, општините во овој регион се активираа за дезинсекција од комарци и инсекти, но со различно темпо и во различни периоди.
Општина Тетово последната дезинсекција ја реализирала на 6 јули. Од локалната самоуправа велат дека следната акција е планирана за понеделник, но нејзината реализација зависи од временските услови.
– Следната дезинсекција ќе се изврши во понеделник од 22:00 часот, зависно од тоа дали ќе има соодветни временски услови. Доколку времето дозволува, ќе се изврши во понеделник, во спротивно ќе биде одложена за друг ден. Апелираме до граѓаните, а особено до пчеларите, да ги почитуваат заштитните мерки за овој процес да помине без проблеми, вели Албион Алили, портпарол на општина Тетово.
За разлика од Тетово, од Општина Желино велат дека веќе ја исполниле оваа законска обврска.
– Општина Желино ја исполни својата обврска во однос на дезинсекцијата. Процесот е реализиран во текот на минатата недела, во рамките на предвидените мерки за заштита на животната средина и јавното здравје, велат од општина Желино.
Заштитни мерки, како што велат, презеле и во Општина Теарце, каде што нејзината територија веќе е испрскана против инсекти.
– Имајќи го предвид проблемот со зголемувањето на бројот на комарци во неколку градови во земјава, во Општина Теарце презедовме конкретни мерки. Извршивме дезинсекција на просторот на нашата територија, со цел спречување на ширењето на инсектите и создавање побезбедни услови за здравјето на жителите. Ќе продолжиме навремено да реагираме на секој здравствен ризик, изјави Даут Мемиши, градоначалник на општина Теарце.
Од Центарот за јавно здравје во Тетово информираат дека пред неколку дена процесот на дезинсекција успешно е завршен и на територијата на Општина Боговиње.
Лекарите препорачуваат во вечерните часови граѓаните да избегнуваат престој во близина на застоени води и да користат средства за заштита, додека од пчеларите да се погрижат за своите пчели пред копненото прскање.
