Ситуацијата со западнонилската треска во земјава покажува знаци на смирување, оценува министерот за здравство, Сашо Клековски.
„Сметам дека епидемијата се стивнува, бидејќи последните две недели имаме по два нови случаи. Значи, оваа недела, по објавувањето на извештајот во понеделник ќе имаме два нови суспектни, непотврдени случаи. Дека се смирува, говори и фактот дека во моментов имаме само шест хоспитализирани лица во Клиниката за инфективни болести“, порача Сашо Клековски.
Клековски истакна дека намалувањето на новите случаи не може директно да се поврзе со заладувањето на времето, бидејќи симптомите се појавуваат 3 до 14 дена по изложувањето на вирусот. Сепак, тој предупредува дека не може да се утврдат целосно предвидливи модели. Во таа насока, откриени се и три угинати гаврани заразени со вирусот, два во Карпош и еден во Ресен.
Во последните две недели се регистрирани по два нови случаи, додека на Инфективната клиника моментално се хоспитализирани шест пациенти, од кои двајца се во потешка состојба.
„Со потешка клиничка слика се Двајца пациенти кои подолго време се во одделот за интензивна нега, се интубирани и се на респираторна поддршка. Другите четири се стабилни и се лекуваат на Одделот за невроинфекции. Двајца од нив сѐ уште се водат како суспектни, зошто се поново примени, додека другите двајца – при крај е процесот на опоравување и најверојатно брзо ќе бидат пуштени“, вели Фадиљ Цана.
Инаку, до 8 септември, во Македонија се регистрирани 58 случаи на западнонилска треска, од кои 54 се потврдени, додека четири се сметаат за можни. Според извештајот на Институтот за јавно здравје, осум лица починале, сите од Скопје и мажи, со просечна возраст од 71,9 години.
Од вкупно 58 заболени, 46 се мажи, а 12 жени. Поголемиот дел, 55 случаи, се од Скопје, додека случаи се регистрирани и во Велес, Куманово и Свети Николе. 47 пациенти се на возраст над 60 години, додека моментално пет лица продолжуваат да се лекуваат во болница.
