Запалија страница од учебник по Социологија, заменик министерот Шабани вети дека ќе се разгледа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Искината и запалена страницата од учебникот по социологија каде пишува дека кај Албанците, Турците и Ромите наталитетот е висок поради неконтролираните раѓања заради недоволна образованост.

Ова го направија младите од коалицијата Алијанса/Алтернатива спроти МОН. Четивата во учебникот, според Омер Ајдини се нехумани бидејќи без контрола се размножуваат само животните а не и луѓето.

„Овој учебник на истата страница вели дека за ваквиот висок наталитет кај Албанците треба да се најдат механизми преку кои овој наталитет ќе се контролира и редуцира. А од друга страна се вели дека кај Македонците каде што наталитетот е низок, истиот треба да се стимулира бидејќи, според тоа што се вели во учебникот, во Северна Македонија ќе настанат социјални, економски и политички проблеми, нешто што претставува расизам и нехуманост во однос на заедниците како што се Албанците, Ромите и Турците“, истакна Омер Ајдини од МФ АА-ААА.

Младите на албанската опозиција со барање до министерката за образование Мила Царовска итно да го повлече учебникот.

Нејзиниот заменик Арафат Шабани вели дека учебникот ќе се разгледа, иако како што додаде, со закон за да се повлече треба учебникот да содржи минимум 30% искривени факти.

„Согласно законот треба да има минимум 30 отсто невистинити или навреди на народот, другите националности, што е против соживотот. И овој учебник ќе се разгледа, но не значи дека е крајот, неслучајно секој месец излегува по еден учебник. Се поставува прашањето каде биле досега последните 20 години, бидејќи учебниците се издадени пред 20 години и се ре-издадени“, посочи Арафат Шабани, зм. Министер за образование.

Од младинскиот форум на АА-ААА исто така истакнаа дека од 2002 година кога за прв пат беше издаден учебникот, до 2020 кога повторно е издадена дозвола, поминале минимум 4 министри Албанци.

Шабани вели дека првично одговорност треба да преземат рецензентските групи кои дале дозвола и потпишале учебникот да се стави во употреба, а потоа и државните органи. Најдоброто решение, според него, се реформите во системот на основното и средното образование, со што ќе се  либерализира и пазарот и ќе се дозволи да аплицираат повеќе книги.

Пред одредено време, МОН, го повлече учебникот по географија за втората година на гимназиите, каде пишуваше дека Албанците се дојденци во Северна Македонија.