Запленети 35.000 австралиски долари на скопскиот аеродром по обид за нелегален пренос

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Царински службеници на Меѓународниот аеродром во Скопје открија значителна сума непријавени девизи при контрола на двајца македонски државјани – сопружници. При редовна проверка, тие биле селектирани за детална контрола откако наместо на црвениот канал, наменет за патници кои имаат нешто да пријават, се упатиле на зелениот канал.

Во нивниот багаж биле пронајдени вкупно 68 илјади австралиски долари. Согласно законските прописи за девизно работење, на патниците им биле вратени средства во противвредност од по 10 илјади евра по лице, односно вкупно 33 илјади австралиски долари, додека останатите 35 илјади австралиски долари биле запленети.

Од Царинската управа информираат дека ваквите контроли се дел од континуираните активности за спречување на нелегален прекуграничен пренос на готовина и потсетуваат дека патниците се должни да пријават поголеми суми на девизи при влез или излез од државата.