Започна чистењето на депонијата во Визбегово – и за време на прес конференцијата некој го запали отпадот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се собраа градоначалници и министри за да кажат дека започнало чистењето на дивата депонија што се наоѓа меѓу Шутка и Визбегово. Освен што се фрла отпад, овде често пати се пали депонијата. На неколку метри од тука, додека траеше прес конференцијата, некој го запали отпадот.

Министерот за животна средина, Насер Нуредини рече дека за чистењето на депонијата побарале средства и дека се надева дека ова ќе биде последен пат да го гледаме Визбегово со ваква депонија.

„Со ребалансот на буџетот, Министерството побара средства за менаџирање и чистење на депонијата во Визбегово, во вредност од 20 милиони денари како помош за оваа локација. Се надевам дека ова ќе биде последен пат да го гледаме Визбегово со ваква слика“, истакна Насер Нуредини.

Дивата депонија во Визбегово е проблем за животната средина со децении особено за бизнисите и жителите кои живеат во близина. Околу 50 илјади метри кубни шут и смет ќе се исчистат  од оваа депонија, која зазема површина од 10 хектари или 10 фудбалски терени.