Пред Собрание, активистот Суад Мисини, го започна најавениот штрајк со жед. Вели дека тоа го прави поради не решавањето на проблемот со таканаречените фантом лица, односно лица без документи. Бара да се смени законот за лични карти и за пријавување на населено место.
Мисини ги кажува проблемите со кои се соочуваат неевидентираните лица во земјава, спомнувајќи го и последниот случај со 19 годишниот Мемет Камбер, чие тело беше предадено на семејството три недели откако почина токму поради тоа што немаше документи.
Од околу 700 лица без документи, вкупно колку што се во земјава, речиси половина од нив се од општина Шуто Оризаре, но градоначалникот Курто Дудуш, вели дека нема надлежности да постапува.
Минатата недела Собранието ги усвои измените на Законот за матична евиденција со кои се овозможува евидентирање на околу 700 лица кои не фигурираат во државниот регистар или фигурираат во Евиденцијата на неевидентираните. Новороденчињата ќе треба да се евидентираат најдоцна 45 дена од датумот на раѓање а до декември оваа година во матичната евиденција треба да бидат опфатени и повозрасните лица, полнолетните и децата.
