Започна трката по потписи – од вкупно 9 кандидати, 7 имаат обврска да соберат 10.000 потписи

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Од денеска се отворени сите подрачни одделенија на Државната изборна комисија во која граѓаните ќе можат да ја дадат својата поддршка за некои од пријавените кандидати. Во истовреме пак кандидатите но и нивните партии со своите првични изјави и официјално излегуваат со повик до граѓаните да им го дадат нивниот потпис. Од утрово Арбр Адеми од ДУИ пред претседателската вила на Водно порача дека граѓани веќе го даваат масовно својот потпис за  кандидатурата на Бујар Османи.

„После Првиот Премиер Албанец, Првиот Вицепремиер, Министерот за надворешни работи, тој за одбрана и за внатрешни работи, државните правобранители и Народниот Правобранител, претседателите на Уставниот, Врховниот и Управниот Суд, претседателите на футбалската, боречката и боксерската федерација, дојде време да го отвориме патот и  претседателот на државата да биде Албанец“, вели Арбен Адеми. 

Билјана Ванковска пак зад чија кандидатура стои Левица уште на самиот почеток се пожали дека се соочуваат со проблеми во постапката на собирање потписи, особено во пристапот до подрачните одделенија на ДИК.  За ова најавија дека ќе поднесат и приговор до ДИК.

„Подготвени сме да е справуваме со мал милион проблеми и за таа цел и како пркос во таквата ситуација ние очекуваме граѓаните навистина да покажат авантуристички политички дух да обезбедат повеќе кандидати на онаа вистинската дебата да ни дадат еднаква можност да се презентираме себеси со нашите програми. Играме во една трка која нема да биде чиста и која не е чиста од првиот ден“, вели Билјана Ванковска.

Забелешки околу достапноста до подрачните единици на ДИК каде се собираат потписи има и Максим Димитриевски, претседателски кандидат на ЗНАМ.

„Мислам дека од страна на Државната изборна комисија не е направено доволно да се информира јавноста и граѓаните каде и на кои места и локации можат граѓаните да го дадат својот потпис за поддршка на одреден кандидат. Првенствено имаме мал број на канцеларии и не сите општини се опфатени со матични канцеларии на Државна изборна комисија“, вели Максим Димитриевски.

Во оваа трката за шеф на државата влегува и познатата активистка Мерсиха Смаиловиќ со што за прв пат кандидат има од Бошњачкиот Демократски сојуз. Смаиловиќ очекува дека ќе бидат собрани потписите за нејзината кандидатура.

„Драго ми е што голем број граѓани почувствуваа потреба да ја искажат својата поддршка, драго ми е што го видоа моментот што и ние го гледаме со мојата кандидатура дека ќе обединиме бројни луѓе кои што веќе не се наоѓаат толку во овој политички момент и се надевам дека првиот предизвик собирање на 10 илјади потписи дека ќе го завршиме успешно и за тоа ќе ни биде потребна поддршката од граѓаните“, порача Мерсиха Смаиловиќ.

А на вчерашната промоција на Гордана Силјановска како кандидат од ВМРО-ДПМНЕ, таа рече дека за неа веќе биле собрани потребните 30 потписи од пратениците, но најави дека и покрај тоа сепак ќе собира потписи.

„Да кажам дека имам намера да собирам и 10 илјади потписи, бидејќи мислам дека треба рамноправна да бидам со сите други и се разбира и да повикувам повторно на гласот од оние кои не се во политиката или не се идеолошки или партиски определени“, вели Гордана Силјановска Давкова.

Покрај овие кандидати обврска за собирање потписи имаат и кандидатот од Алијанса за Албанците Арбен Таравари, инфектологот Вело Марковски и претседателот на ГРОМ Стевче Јакимовски. Актуелниот претседател Стево Пендаровски нема обврска да собира потписи бидејќи и за него како и Силјановска има 30 пратеници и досега не се изјаснил дали и тој ќе бара поддршка од 10 илјади граѓани како и другите кандидати.