Одложено за учениците и редовно за студентите почнува учебната 2020/2021 година која е со многу неизвесности поради непредвидливост со заразата од КОВИД-19. Училишната година денеска треба да ја почнат 270 000 средношколци и основци, меѓу кои 19 илјади се првачиња – еден дел ќе бидат во клупите, а поголеми дел ќе учат онлајн од дома.
Учениците до трето одделение, освен оние чии родители не се согласиле, наставата ќе ја следат со физичко присуство.

Останатите основци од повисоките одделенија и средношколците со своите наставници ќе комуницираат преку националната платформа за учење од далечина која не е разработена, но, како што информираа од МОН и креаторите од ФИНКИ, слабостите се откриваат тековно, се отстрануваат и очекуваат целосно да биде функционална и да ја издржи оптовареноста од сите корисници.
Ресорната министерка Мила Царовска очекува дека најголем дел од учениците и наставниците денеска без проблеми ќе може да се приклучат на делот „Мајкрософт тимс“ каде што се креирани часови по одделенија и дека наставата ќе почне со двонасочна комуникација.

Оваа апликација на „Мајкрософт“ поактивно ќе се користи додека се надминат слабостите со платформата која во моменти на напад, како што рече Царовска, не може да отвори одредени функционалности, кога во исто време се приклучени голем број наставници и ученици.
