Започнаа подготовките за изградба на Модуларна болница над хирушките амбуланти на велешката Општа болница

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Општина Велес деновиве започна со ископ на земја и за одвод како подготовка за поставување на Монтажната модуларна ковид болница со 45 кревети, која ќе биде лоцирана над Хируршките амбуланти на велешката Општа  болница, над постоечкиот хелиодром. Портпаролот на велешката Општа болница д-р Весна Неделковска Николова за МИА потврди дека се започнати градежните работи за Модуларната ковид – болница.

Како подготовка за изградба на Модуларната болница, неопходно е Општина Велес да обезбеди приклучок за вода за пиење, прибирање и одведување на фекалните отпадни води, приклучок за електрична енергија и ископ и исфрлање на 2800 метри кубни земјен материјал со што ќе се создадат услови да отпочне изградбата на основата на која ќе се постават елементите на модуларната болница.

Општина Велес е една од 16-те општини во државата кои ја поддржаа иницијативата на Министерството за здравство и Комисијата за заштита од заразни болести за формирање регионални „Ковид-центри“ во градовите каде веќе постојат општи болници и здравствени домови. И покрај фактот што болничкото лекување не е надлежност на општините, Општина Велес заедно со 15 други општини се вклучува во поддршката за зајакнување на здравствените капацитети во државата.

Целта е да се обезбеди соодветен третман и тријажа на пациенти позитивни или сомнителни на ковид 19, без при тоа да се компромитира редовното работење на болниците и здравјето на другите пациенти.

Станува збор за дополнителни времени капацитети, односно монтажна Модуларна болница која ќе се користи како регионален ковид центар со 45 кревети.

За тоа дека ќе се гради Модуларна ковид – болница во Велес, градоначалникот Аце  Коцевски првично информира на 14 август годинава.