Во болницата „8-ми септември“ од денеска започнува озонирање на крвта што е една метода која се користи за третман на овие пациенти, пред се на најтешките случаи. Оваа метода се покажала како успешна во други земји.
„Тимот на анестезиолози направи детална анализа на обемната литература и заклучи дека треба да се направи обид и оваа терапевтска мерка да се аплицира за лекување на овие пациенти. Станува збор за метода со која се озонира една количина на крв која што се вади од пациентот и потоа таа се враќа во пациентот“, рече Филипче.
Од светската пандемија со ковид-19 сите земји научија како треба да го организираат нивниот здравствен систем за во наредниот период, а ние сме на добар пат за тоа, вели министерот Венко Филипче порачувајќи дека на есен веројатно ќе има нов бран на зарази.
„Ние практично го правиме планот, добар дел го направивме, како да ни бидат организирани капацитетите за следните месеци, посебно почетокот на есента кога ќе имаме, прилично сме сигурно, нов бран на заболени, и дополнително оптеретување со сезонскиот грип.“, изјави Филипче.
Тој апелираше повторно до граѓаните да ги почитуваат мерките за носење на заштитна опрема. Има примери на граѓани, нагласи, кои навистина се придржуваат до овие мерки, придржување на дистанцата и носење на маски, но има и слики по медиумите и на мрежите од граѓани кои не се придржуваат до овие мерки.
„Многу важно во овој период кога има зголемен број на часови за движење во текот на денот дека само со оваа мерка – носење на заштитна прекривка на устата или на носот, ние можеме да ставиме крај на ширењето на вирусот“, додаде министерот за здравство.
Министерот информираше дека во меѓувреме веќе се користи донирана медицинска опрема, како што се маски и друга заштитна опрема, односно се што се користи во јавно здравствените установи за третирање на пациентите заболени од ковид-19.
Во врска со денешните податоци од Институтот за јавно здравје за коронавирусот, посочи дека денеска се регистрирани 53 оздравени. Во ГОБ „8 Септември” почина 47-годишен пациент од Куманово, примен на болничко лекување на 3 април во тешка состојба и долго време приклучен на респираторна машина. Почина и 66-годишен пациент од Битола, кој во тешка општа состојба, со срцева слабост и цироза се лекуваше во Клиничката болница во градот.
