Со потпишувањето на договорите за грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) на Европската Унија, како и договорите за финансирање со Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), започнува третата фаза од финансирањето за изградба на железничката делница Крива Паланка – Деве Баир, дел од Коридорот 8.
За проектот се обезбедени 149 милиони евра грант средства од ЕУ, а почетокот на градежните работи се очекува уште оваа година. Изборот на изведувач треба да се реализира на есен, по што ќе започне изградбата.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски оцени дека ова е важен чекор кон реализација на еден од стратешките инфраструктурни проекти на државата.
„По речиси две години работа постигнавме реален и изводлив проект. Постигнавме договор со Бугарија за изградба на прекуграничниот железнички тунел кој ќе ги поврзе двете земји“, изјави Николоски.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска нагласи дека со новите договори е обезбедена стабилна финансиска конструкција за продолжување на проектот, кој треба да овозможи подобра поврзаност меѓу Јадранското и Црното Море, економски развој и полесен транспорт на луѓе и стоки.
Проектот е дел од стратешкиот Коридор 8, кој треба да ја поврзе Северна Македонија со Бугарија и Албанија преку модерна железничка инфраструктура.
