Започна реализацијата на проектите „Волонтери во акција за безбедност на граѓаните и заштита на природата“ и „Крушево и Елбасан – Патување во природа и авантура“, финансирани од Европската Унија преку програмата ИПА 3 за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија. Овие проекти промовираат одржлив регионален развој, заштита на животната средина и безбедност на заедницата, а ја зајакнуваат соработката во рамки на локалните заедници.
„Заедничките економски предизвици, заштитата на животната средина и социјалната инклузија – сето ова е суштинско за интеграцијата во ЕУ и регионалниот развој. Ова е целта на програмите предложени од ЕУ. Заедно градиме доверба и солидарност, го поддржуваме балансираниот развој и го зајакнуваме европскиот идентитет и единство.“, порача Михалис Рокас.
Проектите исто така имаат за цел зајакнување на регионалните капацитети за развој на одржлив туризам.
„Вториот приоритет е развојот на туризмот и зачувувањето на природата и природните богатства преку заедничко создавање туристички услуги, унапредување на локалните традиции и обезбедување морална и финансиска поддршка за малите бизниси, жените и младите. На овој начин даваме современ производ кој ќе ја поврзе природата со културата.“, вели Златко Перински.
Ова е една од петте програми во кои Македонија е вклучена заедно со своите соседи. Програмата има за цел подобрување на прекуграничната соработка и поттикнување на регионалниот развој.
„Да ги прошириме можностите за младите и да отвориме нови економски патишта што ќе продолжат да ја обликуваат и зајакнуваат нашата погранична заедница, заедниците долж границата, за време на проектот и по неговото завршување. Како јавни институции, имаме обврска да ги поддржуваме интервенциите и да ги претвораме идеите во долгорочни иницијативи што ќе ги унапредат заедниците, ќе ги информираат граѓаните и ќе ги зацврстат темелите.“, вели Еридана Чано.
Вкупната сума на овие проекти е повеќе од 1.6 милиони евра. Финансискиот пакет од ЕУ, во вредност од околу 12 милиони евра, е дизајниран да ги поддржи проектите што промовираат економски раст, еколошка одржливост и социјална интеграција во двете земји.
